Аронијата е овошје со бобичеста форма кое најмногу наликува на плод од боровинка и затоа ја нарекуваат сибирска боровинка. Таа е растение кое расте во облик на грмушка. Нејзиниот плод се јаде, има многу лековито дејство и може да се бере и по два месеци откако ќе созрее. Аронијата не е потребно да се прска бидејќи не може да заболи од болести или вошки. Аронијата е култура која не е многу пребирлива за климатските и почвените услови. Таа е адаптабилна и на сува и на влажна клима, но подобри резултати дава во реони со поумерена влажност во почвата и воздухот. Во текот на зимата надземниот дел издржува температури пониски од -30 до -35 °C. Во наши услови ретко се случуваат вакви температурни ексцеси, па поради тоа, гледано од овој аспект, оваа култура е потполно безбедна од измрзнување во текот на зимата. За оптимален развој на џбунчињата во текот на вегетацијата, потребно е температурната сума да биде над 10°C и од 120 до 150 дена период без појава на мразеви.
За успешно одгледување на оваа култура и постигнување оптимални и квалитетни приноси, количеството врнежи во текот на топлиот период од годината (во наши услови јуни-септември) треба да изнесува над 200 до 300 мм, a во спротивно потребно е да се обезбедат услови за наводнување. Во однос на почвата, не е голем пребирач, успева на песокливи, но и на глинести почви. Не се погодни забарени почви и мочуришта.
Подземните води не треба да бидат поплитки од 1,5 до 2 м. За да се олесни одгледувањето на аронијата, подлогата за калемење треба да биде стара најмалку три години, бидејќи се калеми на висини од околу 100 до 120 см. Поради бавниот раст на калемите, кои се доста скапи, најчесто се одгледува на својот корен, како џбун и тој може да се обликува со резидба, за да не се дозволи голем раст на стеблата, за да се осигури нормална фотосинтеза на сите листови и да се осигури добар принос.
Подготовка на почвата за засадување
За подигнување насад од аронија, почвата треба да биде длабоко изорана и квалитетно обработена. Длабоката обработка на почвата може да се изврши на два начина: со риголовање (со помош на плуг риголер) или длабоко растресување (со помош на разни видови подривачи). На некои типови почви доволно е само да се изврши подривање или самориголовање, а на некои тврди почви, потребно е прво да се изврши подривање, а потоа риголовање.