Кај нас е тешко да се каже за некоја главна монофлорна природна паша во пролетниот дел. Ваква паша може да се сретне на интензивни култури (маслена репа, сончоглед) и шумска. Од овие три, органското пчеларење може да користи само една, тоа е шумската паша. Рано е да се каже каква ќе биде пролетната главна паша поради ладната пролет. Климатските промени донесоа голема забуна и уназадување на пчелните друштва на вакви временски услови, многу е тешко да се предвиди што ќе биде со некоја главна паша. Има многу промени на нестабилното време (ден сончево, три врнежливо и ладно). Овие временски услови бараат пчелите да бидат скоро цело време во топ форма што може да се одржи единствено со прихрана, а таквата топ-форма при заладување од неколку дена ќе ги доведе друштвата во роев нагон кој тешко може да се спречи, а со појавата на овој нагон, може да дојде и до создавање на многу нови пчелни роеви. Во ваква ситуација, пчеларот често пати не може да најде место каде што ќе ги собере роевите (недоволен број кошници), а и друштвата толку ослабуваат што тешко ќе соберат мед и за своите потреби, а да не зборуваме за вишок производи (мед и полен).
За да се справат со ваквите проблеми, оние пчелари кои имаат поголем број кошници треба да се постојано присутни на пчеларниците и будно да ги следат: развојот на медоносните растенија, развојот на пчелните друштва и временската прогноза за најмалку една недела. Ова го велам затоа што приносот на мед кај пчелните друштва е директно зависен од бројот на пчели во кошницата, од нивната старост и распоред на работа (излетнички, примачки на медот и пчели дадилки на леглото). Кога сме кај оваа бројна распределеност, пчелите излетнички (тие што носат нектар и пчелите примачки на нектар во кошницата) ги сврзувам во една група како медособирачки, а пчелите кои се грижат за леглото (дадилки) во друга група. За да имаме поголем принос на мед во главната паша треба да гледаме да го зголемиме бројот на медособирачки, а да се смали бројот на одгледувачки на леглото (дадилки). Бројот на пчели излетнички, ќе го зголемиме ако од одредени непроизводни друштва одземеме десетина до дваесет илјади пчели и ги додадеме на некое производно друштво, а ова може да се стори ако едните друштва од другите се оддалечени најмалку три километри. Појачувањето на истиот пчеларник со пчели излетнички може да го направиме со налетување на пчели од непроизводните (помошни) друштва во производните. Бројот на пчели дадилки ќе се намали ако се одземе поголем дел од отвореното легло и се додаде на производните друштва, а од нив се земе затворено легло кое е пред излегување и се додаде на производните, а на матицата ѝ се остави многу мал простор за несење. Вака набилданите друштва ќе имаат поголем број пчели и тоа некаде околу 60 илјади и ќе дадат два до три пати повеќе принос отколку ако работат на собирање мед на сите друштва одделно. Ваквата постапка кажува дека во пчеларството 1 + 1 = 4, а не 2. Ова се објаснува на следниот начин: ако пчелариме со две друштва кои имаат по 40 илјади пчели во секое друштво, по завршување на пашата, секое од нив ќе даде по 10 кг мед т.е. (2 х 10 = 20 кг или 1 + 1 = 2). Сега, ако на едното друштво кое има 40 илјади пчели му одземеме 20 илјади пчели и му ги додадеме на другото со 40 илјади + 20 илјади = 60 илјади. Ова друштво нема да собере 20 кг мед, туку ќе собере повеќе од 40 кг, а со тоа ќе докажеме дека во пчеларството, можно е 1 + 1 = 4 (40 кг мед).
Ваквиот начин на пчеларење, носи многу, многу поголеми приноси мед, но е многу ризичен ако набрзо по ваквото групирање времето се залади, ако разврне дожд, фатат многу високи температури и ветер, па производните друштва многу брзо ќе влезат во нагон за роење и тешко ќе може да се спречи роењето. Во ваков случај, јас ја одделувам старата матица со рамка како нуклеус, а сите матичници со исклучок на 1 или 2 ги ништам. Велам 1 до 2 матичници, бидејќи ми се случило со 2 матичници друштвото да се рои. Кога вакво јако друштво се рои, единствена утеха е што ројот е огромен (џиновски) со над 3 килограми тежина.
Во главната паша (пролетната) ако се употреби матична решетка, често пати пчелите почнуваат да блокираат, односно да го депонираат медот во плодиштниот мед, а во медишниот над матичната ќе има многу малку мед, па може да се јави и нагон за роење. Затоа, често пати матичната решетка ја исфрлувам, рамките во медишниот наставок ги разредувам на поголемо растојание да не ги занесува матицата, а со тоа да не оди и на другите медишни наставоци. Тоа го правам на следниот начин: штом почне интензивно лачење на нектар од секој медишен наставок, земам по 2 рамки, а остатокот од рамки правилно го распоредувам, така што од средиштето на една рамка до средиштето на друга да има околу 45 мм. Ваквото разредување на рамките го правам и за багремовата и ливадската паша, а ако не се н сите рамки, поставувам во еден наставок две до три рамки без сатна основа помеѓу две изградени, па пчелите сами ја градат оваа рамка надолу, а восокот е чист и природен, а не ожичен (без жица). Вака добивам чист органски мед во саќе, изградено од самите пчели, без сатна основа и жици, а восокот е многу кревок и светол, без залежани ќелии (девојчински восок). Напоменувам дека притоа користам широко-ниски рамки со ширина на сатоносот од 36-38 мм. Пчеларењето со вакви рамки е поекономично и попродуктивно, а тоа се гледа во следните предности:
1. Разредување на рамките во медиштето или користење широки рамки, се зголемува медишниот простор за толку колку што има улици, односно се добива околу 3 кг мед повеќе во секој медишен наставок.
2. Бидејќи пчелите ќе ги надградат ќелиите во саќето, тие ќе бидат длабоки околу 18 мм, наместо 12,5 мм, па матицата нема да стигнува до дното на ќелијата да несе. Понекогаш се прави и грешка. Пчелите ќе ги скратат ќелиите на 12,5 мм, па ќе ги занесе матицата.
3. Во широко-ниските рамки, бидејќи не ставам сатна основа, пчелите го градат саќето претежно со трутовски ќелии, па ако се случи непредвиденото, матицата да занесе една ваква рамка ќе биде со трутовско легло. Кога ќе биде запечатено ова легло, го исекувам од рамката многу лесно бидејќи нема жици и на тој начин ќе направам безопасно биолошко уништување на вароата, слично како во градежните рамки, а исчистената рамка повторно ја враќам на старото место да ја изградат.
4. За исто производство на мед, потребни ни се помалку рамки, а со тоа добиваме време при отпечатувањето на медот и центрифугирањето, а и помалку рамки чистиме од пчелите, додека восок ќе добиеме повеќе бидејќи се надградени ќелиите.
5. Чистењето на ваквите надградени рамки е многу подобро, бидејќи со отклопувачот или ножот за чистење режеме покрај капакот и дел од ќелијата, па не треба рачно коригирање на отклопените рамки.
6. Со надградбата на саќето, задоволени се потребите за лачење восок на младите пчели и добиваме и повеќе восок.
Кога друштвата во пролетниот дел се пренесуваат на некоја главна паша, може да се употреби матична решетка под посебни услови, но само за Л.Р. и Ф.Р. кошници кои вообичаено имаат на секој наставок округло летиште. Матичната решетка е врамена со рамка со дебелина од 1 см на четирите летвички од рамката, а на предната страна од Ханемановата решетка оставам летиште со должина од 15 см. Долните два наставци (Л.Р. и Ф.Р.) се затворени на летото и на помошните округли отвори. Пчелите влегуваат два дена по доселувањето само од летото кое е над матичната решетка, а третиот ден летото кое се наоѓа на подницата го отворам само три до четири сантиметри во ширина. Низ него можат да излегуваат трутовите, а тука можат да влегуваат и пчелите кои внесуваат цветен прав, додека округлите летишта кои се наоѓаат на продишните тела не ги отвоираме. Со ова сме добиле пчелите да носат мед, само во медишниот дел, одгледуваат легло во продишниот дел, таму го складираат и цветниот прав. Ова треба да се прави многу претпазливо, да не останат плодишните наставци со малку мед, ако се работи за некоја од подоцнежните паши пред самата есен.
Вака спремена кошница со матична решетка на двата плодишни наставци е многу добра работа ако се носат пчелите на некоја пообилна шумска паша (на медлика). Како резултат би добиле добро исполнети медишни наставци со медлика, а сосема малку мед од медлика во плодишните наставци, а со ова сме ја одвоиле медликата, за да во зимата не прави проблеми со ноземозата. Плодишните наставци треба да бидат исполнети со доволно количество мед за зимување, а да го сториме тоа пчелите треба да се прихранат со шеќерен сируп и тоа што е можно во помалку прихрани, но обемни по содржина со повеќе од 10 литри сируп на едно прихранување. Во овој шеќерен сируп додавам по 15 мл домашна јаболкова киселина, која ќе помогне при разложувањето на сахарозата во прости шеќери. Во складираниот мед ќе останат доста минерали и микроелементи во самата киселина. Добро е овој сируп кој се дава за обезбедување на зимските резерви да е инвертиран со посебна постапка, а како таков нема многу да ги истошти пчелите.
Пред почетокот на главната пролетна паша, треба да се извади најлонската фолија која сме ја поставиле во претходните месеци за подобра заштеда на топлина, и собирање на водени капки над леглото, летата да се ширум отворени, исто и помошните лета отворени. Сето ова го правиме за подобра вентилација во кошницата и побрзо зреење на новиот мед.
Кошниците кои немаат жично дно и помошни округли летови, за да добијат подобра вентилација, можеме медишните наставци да ги помериме за 2,5 до 3 цм на назад, па на предната страна ќе добиеме лето со ширина од 1 цм преку целата ширина на кошницата, без страв од грабеж, кој за време на главната паша не се јавува, а е многу користен (ја скратува работата на пчелите). Кога ќе настапи беспашен период, ваквите отвори се затвараат со померување на наставокот нанапред. Кога наставокот ќе се наполни со запечатен мед, треба да се отстрани, односно да се центрифугира или да се смести во простор за чување мед во саќе. Не треба да се чуваат полни наставци со мед во кошницата, бидејќи тоа бара додаден број на пчели врзани за чување на медот, а и пчелите собираат помалку мед, затоа што кај нив тогаш делува феромонот на полно саќе, а тоа ги прави понеработливи (помалку собираат мед).
Како главна паша, ние, пчеларите, ја сметаме багремовата паша, но во нашиот крај најчесто е несоодветна, затоа што времето на оваа паша или нагло заладува, врнат дождови или ќе настапат некои невообичаени високи температури или, пак, ќе дуваат многу ветрови, а можна е и комбинација на повеќе вакви временски неприлики за пчелите. Сето ова ќе придонесе пашата на багрем да биде промашена, а во нашиот крај нема и некои поголеми површини покриени со багрем. За да не дојде до вакви несакани последици, пчелите треба добро да бидат подготвени и за ливадската паша, која во најголем дел е после багремовата паша.
СОВЕТ: Не заборавајте да обрнете внимание да го спречите роевиот нагон, бидејќи роењето во современото пчеларство е чиста загуба. Искористете ја пчелната паша, а роењето за зголемување на бројот на пчелни семејства можете да го направите кога ќе сакате, бидејќи пчелите се инсекти, а инсектите се размножуваат кога ќе сакате, ако создадете услови за тоа.